Од васУбави муабети

Влегуваш, излегуваш, гледаш, галиш, огнови палиш…

Ќе ме сакаш ли, ќе ме прочистиш ли? Денес ти се предавам. Сакам да ги почувствувам твоите струи, како низ градиве ми течат. Така можеби ќе се видам себе си. Или, можеби подобро ќе те запознаам. Од каде доаѓаш, каде одиш? Па знам, тоа е твојата задача. Така сакаш, да воздигаш, да рушиш, да ги бркаш облаците да наводенат каде треба. Имаш ли љубена? Низ светов каде шеташ? Влегуваш, излегуваш, гледаш, галиш, огнови палиш. Би сакала барем еден ден од мојава 19ка да ја минам со тебе. Ќе бидам слободна, низ одежда, без граници, сè да видам, сè да бидам. Да се напијам од кристалната чистина. Блиску ли си до неа? Од кои извори пиеш, дали спиеш? Од што се храниш? За мене си најголемиот уметник, без платна и бои, сите земјини видици се твои. О, колку ти завидувам. Дозволи ми да сркнам. Ми се плаче, ми се смее од материјава што се губам, затворена во ателје да седам, низ решетки врз платната да творам. Треба ли повеќе да ти зборам… Јас за тоа створена не сум. Тие што ме родиле, со тебе ли ме помиле? Или на ветрот мајка ми ме подоила? Ветер се сторив, горе се кренав. А, долу ќе минам, за цвет да скинам. И, море ќе дигнам, во бран ќе се нурнам за зло јас да урнам. Гласно ќе пеам, со песна низ светот, радост ќе сеам. Ќе пеам, ќе пеам, низ песна ќе сликам, од љубов да бликам!

Н.П

  • Текстот ни го испрати наша редовна читателка. Испратете и вие свој текст на info@ubavo.mk

Поврзани статии

Back to top button