Супер интересни книги кои вредат да бидат прочитани
За денес одбравме три супер интересни и возбудливи книги кои вредат да бидат прочитани.
Јужњакот со сини очи (Лиса Клејпас) Запознајте го јужњакот со сини очи: Неговото име е Харди Кејтс. Тој е успешен милионер, кој всушност доаѓа од лошата страна на градот. Има стекнато непријатели колку ти душа сака во неговото тешко патешествие кон врвот на нафтената индустрија. Низ неговите вени тече врела крв. А на неговиот ум има само одмазда. Запознајте ја богатата наследничка: Се вика Хејвен Тревис. И покрај парите на нејзиното семејство, таа одбива да го следи патот што тие го трасираат за неа. Но кога Хејвен се мажи за човек кој нејзиното семејство не го одобрува, нејзиниот живот тргнува во нов и опасен правец. Две години подоцна, Хејвен се враќа дома, решена да си го чува срцето по цена на животот. А Харди Кејтс, семеен непријател, дефинитивно е човек од кој треба да се држи што подалеку. Но судбината има друга замисла… Книга исполнета со препознатливата сензуалност на Лиса Клејпас, со ликови кои не можете да не ги сакате, со занесно раскажување на секој магичен збор…
Ти си тој што го сакам (Џована Флечер) Меди, облечена во бело, стои на влезот од црквата. Пред олтарот се наоѓа Роб – човекот со кој ќе се мажи. До Роб стои Бен – кум и најдобар пријател на невестата и младоженецот. И тоа е проблемот. Затоа што ако пред олтарот не ја чекаше Роб, постои голема веројатност тоа да беше Бен. Лојалниот и чувствителен Бен кој отсекогаш си ги чувал чувствата за себе, но кога би се свртел сега да ? каже на Меди дека прави голема грешка, дали таа би слушала? И дали тој би бил во право? Тие се најдобри пријатели од детството; Меди, Бен и Роб – неразделни. Но љубовта менува сe. Меди мора да донесе одлука, но дали ќе ја донесе правилната? Нејзиното срце, а дефинитивно и срцата на двајцата најдобри момци што ги познава, зависат од тоа…
Невидлива убавина (Ејми Хармон) Емброуз Јанг е прекрасен. Висок и мускулест, со коса што малку му ги допира рамениците и очи кои горат, те прободуваат. Од оној тип убави мажи чии фотографии завршуваат на кориците на љубовните романи. Ферн Тејлор најдобро знае затоа што таа чита такви романчиња уште од тринаесет години. Но токму затоа што е толку прекрасен, Ферн го смета за некој кој никогаш не би можела да го има… сè до моментот кога, тој одеднаш не е прекрасен веќе. „Невидлива убавина“ е приказна за еден мал град каде петмина млади мажи заминуваат во војна, а само еден од нив се враќа назад. Приказна за загуба – колективна загуба, индивидуална загуба… Изгубена убавина, изгубени животи, изгубени идентитети. Приказна за љубовта на една девојка кон скршено момче и љубовта на еден ранет војник кон сосема невпечатлива девојка. Ова е приказна за пријателство кое ги лечи сите болки, хероизам кој ги побива сите општи дефиниции и модерна приказна за Убавицата и ѕверот, која ни покажува дека има по малку убавина, но и по малку и од ѕверот, во секој еден од нас…