Убави вести

Соопштение од група граѓани за масовен протест!

Труењата ширум земјава за жал не запираат! Масовниот протест против труењата што се одржа во Скопје на ден 09.04.2017 не вроди со некој конкретен плод, иако лица од АХВ излегоа после некој ден со изјава дека нема отрови и дека ќе има построга контрола и истраги, за да пак уште едно чудо други животчиња згаснат отруени.
Иако и Кривичен закон се прекршува, а не само Законот за заштита и благосостојба на животните, се’ уште никој не одговарал за труењата и за продажбата на отрови, дури ни истраги немало, што е просто недозволиво. После овие масовни труења имаме основ за сомнеж дека најверојатно и самите институции се вмешани, на директен или индиректен начин, а и самото тоа што нема истраги и казни само го дозасилува тој наш сомнеж.
Неколку дена после протестите и кучето Идриз сред бел ден со секира беше убиено, без сторителот да биде приведен и затворен. Коле, монструмот кочански, и натаму шета слободен злоставувајќи кученца.
Затоа, ние, активистите за заштита на животни, љубители на животни, најавуваме ГРАЃАНСКА НЕПОСЛУШНОСТ и ПРОТЕСТ СО ГЛАД!!! Започнуваме во вторник, 30.05.2017 во 13 часот, пред Агенција за храна и ветерина, каде ќе поставиме шатори и ќе ноќеваме се’ додека не се одважат надлежните апропо нашите барања.
Добредојдени ќе се во посета и оние љубители на ЖИВОТни што не ќе се во можност да протестираат со глад, ние ќе сме таму се’ додека нема одговор (на хартија) од телата надлежни за животинките.

Ова се нашите Барања:
1. Целосна забрана на продажба на смртоносни отрови и строга контрола по земјоделските аптеки;
2. Продажба на отровите наменети за земјоделски култури исклучиво со земање лични податоци и теренска контрола при аплицирањето на истите (кој тоа ни гарантира колку отров внесуваме и ние луѓето ил па дека се запазува периодот на каренца?);
3. Цврста соработка помеѓу АХВ и МВР, со можност за создавање и посебен сектор во МВР кој ќе постапува во однос прекршувањата на Законот за заштита и благосостојба на животните и Кривичен закон поврзан со повреда на правата на животините (член 233 и член 234), а и евентуална можност за формирање Полиција за животни;
4. Сериозно постапување од страна на ветеринарните инспектори, со можност за проширување на нивниот број со оглед тоа што најчест изговор на актуелните им е дека се зафатени на терен за преглед на стока по селата и не можат одма да излезат на наш повик;
5. Пропишување соодветни санкции и примена на истите за службените лица кои нема да се одважат на дојава за труење или злоставување на животни;
6. Целосна практична примена на Законот за заштита и благосотојба на животните од секоја локална самоуправа, стерилизација и вакцинација на бездомните на товар на прифатни центри на ниво на општина со средства од државата/единиците на локалната самоуправа;
7. Секоја општина да формира прифатилишен центар, со обучена шинтерска служба и вработени лица докажани љубители на животни, со целосна примена на методата Залови, Стерилизирај, Чипирај, Вдоми или Врати на место на заловување;
8. Создавање целосен регистар на бездомни и домни кученца со служба која теренски ќе врши континуиран мониторинг;
9. Казна за лица и медиуми кои со своите апели, имплицитно или експлицитно ќе повикаат на труење или повреда на животни со што фактички повикуваат на незаконие;
10. Обдукцијата на отруени бездомни животни да биде на товар на државата, со можност за формирање и на форензичен тим како би се нашле докази за сторителот на учинетото злодело;
11. Промена на лицата вработени во Вардариште со вработување лица докажани љубители на животни;
12. Итна максимална казнена мерка затвор за лице за кое има доволен број сведоци и доказен материјал дека убило кученце/маченце како би било за поука за појава на некои идни монструми;
13. Постапување по пријавите за борби со кучиња со максимални казни за сторителите;
14. Строга забрана и казнување на општините кои дислоцираат бездомни животни најчесто на депонии или во други градови.

Ултиматум: доколку во однос на овие наши барања најкасно до петок надлежните не се произнесат, најавуваме блокирање на улицата Трета Македонска Ударна Бриагда.

Исто така, на овој протест можат да ни се приклучат и еко активисти и здруженија, бидејќи отровот загадува животна средина, почва, други животински видови (на пр. мршојадите што беа затруени пред неколку години јадејќи затруен леш), се труе водата, цел еден екоистем се нарушува со отровите.

Редно е промените да започнат и коренот трул да го посочиме и отстраниме. Бидејќи ако е коренот трул, поџабе гранките од тој корен трул чиниме обид да ги санираме.
Од тоа каков е односот на една земја кон животинките ќе зависи и каков ќе биде односот кон нејзините граѓани! Секако, и обратно. Велат група на граѓани љубители на животни.

 

Поврзани статии

Back to top button