Рецепт за убав ден од Марија Костадиновска
Денес во рубриката „Рецепт за убав“ ден се дружиме со писателката Марија Костадиновска.
Честопати се запрашувам дали постои совршен „рецепт“ за убав ден? За убава
седмица? Месец? Година? Живот? Колку само би било поедноставно, да беше некаде запишан, истиот тој „рецепт“, онака како што се запишуваат рецептите за вкусните торти. Па да можеме да си прочитаме и „оп!“ секој ден, би ни бил совршен. Но, за жал или за среќа, овие рецепти произлегуваат длабоко од нашата душа, нашите мисли и најискрените чувства… а мојот „рецепт“ за убав ден започнува вака… Првото нешто на кое помислувам, кога се будам е, што да направам за денот да биде поинаков и попродуктивен од вчера? – И секогаш добивам некоја интересна и креативна идеја и уште безброј идеии како да ги реализирам истите.
Моите работни обврски се засноваат од тоа, локациски каде се наоѓам. Дали пловам некаде, или пак сум дома посветена на пишување книги. Во двата случаи денот го започнувам со многу кафе, насмевки и позитивни мисли. Честопати знам да запишам некоја убава мисла, и таа да ме води во текот на денот.
Кога пловам, деновите ми се активни, големиот список на работни задачи ми е неизмерно предизвикувачки а организирањето и успехот на мојот тим ми претставува неизмерна среќа.
Додека пак, кога сум посветена на пишување и творење, малку сум пофлексибилна кон себеси. Во моменти на инспирација, максимално се вложувам. Но тогаш кога таа недостасува се посветувам на „собирање“ на истата преку многу дружења, прошетки, читање книги, посета на театар, музеи, кино, и секакви други културни манифестации. Но најважното од сѐ ми е денот, да ми заврши со чувство на исполнетост, среќа и внатрешна емотивна хармонија. За мене, тоа е рецептот за убав ден, седмица, месец, година, живот…