Рецепт за убав ден на Стефан Миленков
Денес во рубриката „Рецепт за убав“ ден се дружиме со авторот на книгата „Страв“ – Стефан Миленков.
За да имам убав ден не треба да правам премногу. Си се слушам себеси. Правам како што мислам дека треба да направам. На крајот од денот, за Стефан најдобро знае Стефан.
Кафето е неизбежно. Откако ќе го испијам до половина, а останатата половина ја оставам да ми седи во филџанот додека не ја истурам вечерта пред легнување, може да продолжам со денот. Сакам ред и распоред. Користам планери за да ми е ефективен и исполнет денот. Гледам да ги одгрижам должностите што ми се за тој ден најдобро и најефикасно. Останатото време го користам на она што ми е најважно во животот – пријателите, најблиските и моето куче. Секогаш ме радува добро друштво!
Ако сум сам тогаш читам, пишувам, гледам серија или филм а знам и да потрошам време на социјални мрежи. Како додаток на клише одговорите – сакам да слушам и добра музика. Најново – најдов терапија и во физичката активност, добрата исхрана и готвењето.
Правилото да не си легнуваш нервозен или гладен обавезно си го почитувам. Сакам да заспијам со мирна душа и полн стомак.
Испробајте го рецептов – прсти ќе излижете!