Рецепт за убав ден на Оливиа Јаневска
Таа е успешна битолчанка која живее во Австралија. Нејзиниот рецепт, едноставно речено е прекрасен!
Рецептот за убав ден некако спонтано ми доаѓа по принципот на Балтазар – најпрво си ја постулирам дилемата што е тоа што ме прави да се осеќам убаво и што ќе ми го направи денот убав – и потоа исто како него малку тапкам во место, малку шеткам нагоре надолу, и на крај кога ќе ми текне решението потскокнувам од среќа и одам да си го налеам сублиматот во облик на трите капки. Кап, кап, кап.
А рецептот е прилично едноставен и оди вака…
Најпрво го вадам срцето од длабокото замрзнување во фрижидерот и го оставам да се одмрзне во маринада сочинета од следните состојки:
- Парче сино небо кое имагинарно го засекувам со прстите и го оставам да ме прати низ целиот ден, дури и тогаш кога главата знае да ми залута во сиви облаци.
- Сноп сончеви зраци.
- 1 искрена насмевка при сознанието дека отсуството на будилници, стресови и рокови е сосема неслучајно и намерно.
- 3 супени лажици креативност – за добро утро, добар ден, и добро вечер.
- 1 грст внимателно избрани луѓе со кои со еднаква леснотија можам да конверзирам околу декодацијата на симулакрумот и дидактички да полемизирам дали пингвините имаат колена.
- Сето ова го налевам со 2–3 чаши сортно вино.
- Потоа го зачинувам со прашината што ми се насобрала на врвовите на прстите преку денот листајќи стари книги и плочи.
- 3 капки акустичен органски екстракт од“светото тројство” Keenan, Reznor и Patton.
- 5 литри чист дестилат од љубов, срдечност и добрина, за да си го демаркирам детето во себе од остатокот од светот.
- 1 прегратка, долга ама значајна.
- 1 лажичка Вегета, за да не се налути чичко Карапанџа.
- 1 ќебе под кое ќе си ја нурнам главата и ќе се претварам дека е шатор. Зошто? Ако треба образложување, слободно прескокнете го овој чекор. Не е за вас.
- 2–3 филмови од Woody Allen за постигнување на дневниот коефициент на контемплација, пикантерија и разонода.
Сето ова потоа се меша во обратен смер од стрелките на часовникот, заради вечен антагонизам и спротивставување кон стариот ми метрички непријател – времето. Вака му покажувам дека не му се плашам и дека неговата и мојата замисла околу тоа колку зрнциња песок се доволни да ми поминат низ животниот песочен часовник ќе се секогаш инконгруентни.
Bon Appétit!