Рецепт за убав ден на Неда Маретиќ
Рецептот за убав ден денеска го споделува Неда Маретиќ, телевизиска водителка која има супер идеи за тоа како да си го направи денот убав.
Собирај моменти, не работи. Уживај и во најмалите ситници кои го прават животот совршен. Одамна научив дека ако нешто сакаш мораш сам да се потрудиш тоа да ти се реализира. Дури и да не успееш, барем пробај. Денот ми го прават убав всушност многу нешта, луѓето околу мене велат – човек не може да те допрати. Може, ако сака:). Не секоја минутка, туку секоја секунда сакам да ми е ефективно исполнета. За сè се стигнува ако си добро организиран. Покрај работата во Тера телевизија во која деновите убави ми ги прават контактите и интервјуата со прекрасни луѓе и настаните кои иако се дел од мојата работа ги доживувам повеќе како задоволство и храна за душа. Денот убав ми го прават посетите на концерти надвор од Битола, како последниот на Венеса Меј во Скопје (сè уште сум под импресии и токатата и фугата од Бах во нејзина изведба се уште ми се вртат во глава). А, викендите последните месеци ги користам за запознавање на убавините на нашата земја (признавам станав зависник од планинарењето), па така викендов за прв пат се искачив на Антена, односно Димев врв 2061 м, а претходните викенди и на Лиска, Даутица, на Големо езеро и многу други. Викендите ги користам кога не сум на планина и за пливање (сезоната ја започнав уште во април:), па периодов, ги откривав убавините на Грција и мојата девиза: книга, море, плажа само за мене. Да, моментите во кои можам да уживам во нови наслови и да се дружам сама со себе (со оглед на сите комуникации во текот на работната недела) ми се многу драгоцени. Но, денот убав ми го прави и првото утринско кафе со моите родители, заедничките моменти со пријателите, културата на однесување на луѓето, која во последно време е толку ретка што се изненадуваме позитивно секако кога ја има, гестовите на насмевки на случајни минувачи, за жал денес и насмевките станаа луксуз, гестовите на помагање на немоќните, болните луѓе, бездомните животни. Денес ненормалното стана нормално, па се изненадуваме кога вистинските вредности кои нè карактеризираат како луѓе се појавуваат, а, драги мои треба обратно. За убав ден рецептот е едноставен: бидете со луѓе со кои секој миг е исполнет со позитивна енергија, луѓе со душа. Премногу е краток животот за да сме со луѓе кои не ни дозволуваат да растеме и да се развиваме како личности кои ќе остават трага позади себе. Поминете ги предизвиците, предизвикајте го стравот од неуспех, секој ден работете на создавање на еден поубав свет. Ако не вие, кој? Гушнете го секој нов ден и кажете: јас можам!