Рецепт за убав ден на Маја Андоновска Илијевски
Денешниот рецепт за убав ден со вас го споделува актерката и директорката на Центарот за култура Битола, Маја Андоновска Илијевски.
Велат по утрото денот се познава, па секогаш се трудам да имам убав почеток на денот, да го започнам со насмевка, за да привлечам насмевки, да си пуштам музика. додека пијам топло какао или турско кафе, за да го изоштрам умот за обврските кои некогаш знаат да ни ги украдат часовите и додека сме се завртиле денот заминал. А тогаш кога работата ми дозволува да украдам малку повеќе време за себе, денот го минувам со себе, со синчето и сопругот, со најблиската фамилија и пријателите. Секогаш се трудам да најдам време за луѓето кои го оформуваат мојот микроуниверзум. Но рецепт за убав ден е секогаш да се опкружиме со креативни и инспиративни луѓе, кои ќе го будат убавото и од нас. Така не само денот, туку и животот ќе ни е убав. Се тоа зачинето со љубов, страст, и радост, за да се живее животот со полни гради.