Рецепт за убав ден на Марија Трифуновска Тасеска
И денеска, во рубриката „Рецепт за убав ден“ имаме една млада жена која е вљубена во книгите. Со вас, ја открива убавината на нејзиниот ден.
Ретко кога во животот не сум имала убав ден, речиси секој ден ми е убав. Можеби е така бидејќи сум личност што не се грижи многу за она што го коментираат другите и никогаш ништо не сфаќам лично. Денот обично го започнувам пиејќи кафе на балкон, опкружена со дрвја и зеленило и слушајќи ги птиците. Уживам додека размислувам за работи кои му даваат на животот подлабока смисла. Потоа сите обврски што ги правам во текот на денот ги правам со љубов и смиреност.
Деновите ми се прекрасни бидејќи времето ми е исполнето со неверојатни луѓе. Главна состојка за убав ден се дефинитивно оние посебните луѓе, знаете оние кои кога ќе ги погледнете се чувствувате како да ве огреало сонце. Оние што прават да ви е пролет во душата. Несебично ги расфрлаат љубовта и радоста па се шират како некоја зараза. Е ваквите луѓе ги обожавам бидејќи со нив сè е полесно и подобро во животот. Мојот сопруг е еден од тие луѓе кој без разлика колку и да е облачно и тмурно, ќе направи да се чувствувате како да е најсончевиот ден. Поголемиот дел од времето го минувам со него, па најверојатно и затоа не сум имала ден што не е убав.
За денот да ми е убав придонесуваат и книгите што ги читам, посебно кога ќе погодам книга што е навистина добра и што ми одговара. А па кога од неа ќе добијам инспирација за да напишам нешто, е тогаш денот може да се каже и дека ми е совршен.
Убавината е релативна работа, а животот е едно патување во кое сите се откриваме себеси. Верувам дека секој си има свој рецепт за убав ден, а на оние што немаат им препорачувам побрзо да го пронајдат. Во мојот рецепт за убав ден има многу љубов, радост и убави луѓе кои ми будат само убави мисли бидејќи како што кажал и старец Тадеј „Какви што ти се мислите, таков ќе ти е и животот.“