Рецепт за убав ден на Маринела Милошевска
Во рубриката „Рецепт за убав ден“ денеска се дружиме со Маринела, млада блогерка која има интересни методи за тоа како да си го направи денот убав!
Знаете како велат – неангажираниот ум е секогаш потиштен, затоа јас се трудам во текот на денот мојот ум да е целосно преокупиран. Раното будење е дефинитивно моја најголема слабост, но сфатив дека колку порано се будам, толку поенергично се чувствувам во текот на денот. Мојот ритуал за убаво утро е кратка медитација (со што ги отфрлам сите бескорисни и нехармонични мисли), проследена со еден час физичка активност (најчесто пилатес, со што го раздвижувам секој мускул во моето тело). Не пијам кафе па тоа го заменувам со некое освежувачко смути или цеден сок, кое уживам да го пијам додека го шетам моето куче Бади. Откако ќе завршам со моите утрински активности се фокусирам на работите кои ме исполнуваат и се радувам кога денот ќе го искористам да научам нешто ново.