Рецепт за убав ден

Рецепт за убав ден на Гордана Настевска-Манасиевска

Новинарката од неделниот магазин Теа Модерна, Гордана Настевска-Манасиевска, за читателите на ubavo.mk го споделува рецептот за убав ден.

Убавината на денот е во леснотијата со која се извршуваат задачите и обврските, без разлика дали се поврзани со професијата или приватниот живот. Убавината е и во малите нешта, во деталите и сум среќна што сè уште им се радувам како дете.

Утрата ми почнуваат во 6:30 часот, кога се најавуваат првите сончеви зраци и кога улиците се без интензивна фрекфенција од возила. Рано-утринската тишина во Скопје има посебна музика. Додека сите по дома спијат, тивко во кујната, на моите синови, им ги печам пченкарните мафини и го варам домашниот чај, кои потоа заедно ги вкусуваме. Е, тоа е слатка убавина на љубовта, која крепи во претстојниот напорен ден. Малку јога и медитација и потоа на работа. А, време има за сè. Зашто времето е релативно и индивидуално – кога брзаме и тоа минува побрзо, а, кога го густираме секој момент со цела сласт, без напнатост, без невротичност, тогаш го имаме и мигот, ја имаме и сегашноста и се чувствуваме исполнети.

Тоа е мојот рецепт за убав ден, што значи и убав живот.

Да научиме да ги почитуваме секундите и минутите и да ги минуваме без анксиозност, туку во смирение и уживање. Затоа и секогаш имам време за сè: за сите интервјуа и фотосесии во Теа модерна, за готвење на ручекот за тој ден, за чистење на домот, за кафе-муабет со пријателите, за семејството, за гледање филм или посета на концерт, за искачување на Водно, за пилатес тренинзи, за качување на на карпите во Демир Капија или врвот на Пелистер…

Среќна сум и смирена, во хармонија со себе.

Поврзани статии

Back to top button