Рецепт за убав ден на Бојан Велевски
Актерот и стенд-ап комичар Бојан Велевски денеска со Вас го споделува својот рецепт за убав ден.
Од јануари решив дека конечно после пет години ќе се посветам на своето тело и здравје, па така периодов, речиси секое утро ми започнува со тренинг. Потоа доручек и тргаме со работните обврски. Прилично динамичен ми е овој дел од денот, исполнет со многу луѓе, состаноци, но и многу позитивна енергија и хумор, кој е неизбежен дел од моето секојдневно функционирање.
Речиси секогаш во тек на вакви динамични денови, наоѓам парче време за себе. Јас иако не делувам така, сепак сум самотник во душа и обожавам да бидам сам со себе, макар и на 10-15мин додека ми траат обврските. Тие 15мин осаменост и средување на мислите и енергијата, ми го ресетираат духот како попладневна дремка – телото.
Дома ме чека Војдан и неговата незапирлива енергија која не знам од каде ја вади 😂, но уживаме заедно во некои мои активности, сака да биде до мене и да ме прати додека работам, особено кога тоа е нешто креативно.
Го “истрениравме” Војдан релативно рано да заспива, па така имам време и за добра книга или филм, а често навечер работам и на нови текстови за настапите.
Мојот рецепт за убав ден е да уживате во малите победи во текот на денот, така мотивацијата секогаш ќе ви биде на високо ниво.