Рецепт за убав ден на Бобан Тодоровски
Денес својот рецепт за убав ден со нас го споделува човекот кој ги разубавува жените Бобан Тодоровски.
Мојот совршен ден изгледа вака: Станувам кога ќе се наспијам, а не кога морам,… ме чека вкусно кафе, студен свежо исцеден сок (се разбира, ако надвор температурите се до плафон како деновиве) и тишина… Евентуално да слушам звуци на вода… Во игра може да влезат и неколку мои драги личности со кои инспирацијата за разговор ни е неисцрпна и кои се мојот полнач со позитивна енергија. Нема ништо поубаво од тоа да си со оние што ги сакаш, оној твој мал круг на искрени пријатели кои љубоморно ги криеш и чуваш само за себе. Смеата е лек се за, факт! Добра комбинација може да е и добар филм, книга и телефон, ама не за разговори, туку за интернет истражување. Сакам да сум во тек со случувањата, особено во сферата на мојата професија. Еден стих од на Ацо Шопов вели вака: Ако носиш нешто неизречено, нешто што те притиска и пече, закопај го во длабока тишина, тишината сама ќе го рече… Затоа сакам кога сум, би рекол, сам со себе, ретки се тие моменти, зашто навистина многу ретко можам да си го дозволам тој луксуз, но го посакувам понекогаш за да можам да видам до каде сум… Значи, мојот рецепт е едноставен. Потребни ви се: убава мисла, добра желба, насмевка и убави луѓе… се зачинува по желба и се консумира до бесконечност! Уживајте.