Рецепт за убав ден на Биљана Димко
Таа е вљубена во литературата. Пишува поезија и проза која ќе размрда нешто длабоко во вас… Биљана Димко раскажува кои состојки и се потребни во рецептот за убав ден.
Ги обожувам утрата кога сум ранобудна, кога можам да го „фатам“ раѓањето на Сонцето и така со сласт да ги исконзумирам скоро сите часови од денот – ова е мојот извор на убава енергија.
За мене убав ден претставува денот што ми е исполнет со обврски околу читањето, пишувањето, дружењето со моите најмили.
Работните задачи надвор од уметничката книжевност ги разбирам како прилика за стекнување на нови искуства, вештини и нови познанства, така што немам некоја особена тешкотија.
Сите денови не се значително убави, но лично врувам дека секој еден ден си носи порака и поука. Во периодов работам на неколку ракописи од кои еден претставува согледби за прозата на македонскиот писател со битолско потекло Владимир Костов, автор на познатиот роман „Црквичето Четириесет маченици во Битола“ и многу сум среќна поради тоа што можам да истражувам една ваква книжевна грамада и мајстор на прозната форма. Слободното време сакам да го минувам во разговори со повозрасни луѓе, бидејќи верувам дека од нив може многу да се научи, особено од нивните животни искуства.
Јас сум постојано поделена меѓу два света, едниот е мојот – книжевниот и другиот е бирократскиот, борбата е постојана, особено онаа за идентитетот, но наспроти сите тектонски движења, јас сум неконвенционално среќно дете со широка насмевка.
фото: Александар Јоначиќ