Рецепт за убав денУбави луѓе

Рецепт за убав ден на Билјана Бејковска

Денеска, рецептот за убав ден го споделува Билјана Бејковска, Секретар на Центар за човекови права „АМОС“-Битола

За да ми биде убав, денот го започнувам со прошетка во природа. Никој не прегрнува поубаво од зелените ридови и никој не развеселува поубаво од песната на птиците наутро. Одам заедно со моите пријателки. Уживам во нивното друштво, нивните разговори, оптимизам и ведрина. Тоа е една размена на енергии која секому ја препорачувам. Денот ми го прави убав и мојата ќеркичка. Голем дел од времето поминуваме заедно. Бесценети ми се миговите кога правиме нешто заедно, без разлика дали се гушкаме, дали учиме, дали шетаме или читаме приказни. Ќерка ми ми го го обојува животот со убавина. Сакам кога еднаш дневно седнувам и пијам какао на Широк Сокак. Особено уживање ми е кога времето е топло, улицата е раздвижена, жива… Денот подолго трае, а самракот му дава мистичен сјај на градот. Денот го завршувам спокојно во мојот дом. Сакам да погледнам убав филм. А најмногу од сé сакам пред спиење да прочитам неколку страници од омилената книга. Тоа ми е начин за миг да избегам од секојдневието, а и да сонувам за некој поубав свет.

 

Поврзани статии

Back to top button