Рецепт за убав ден на Александра Јовановска
Со позитивната Александра се дружите редовно пред малите екрани, а денес со вас таа го споделува нејзиниот рецепт за убав ден.
За убав и успешен ден неопходни се добар план и подготовка, како и позитивен став кон обврските коишто ве очекуваат.
Ако знаете кои се вашите дневни обврски и добро се организирате, тогаш денот ќе ви мине без стрес, релаксирано, а работата ќе ви претставува вистинско задоволство. Јас не сакам да брзам, да сум нервозна и да работам под притисок, коишто најчесто се резултат токму од претходна недоволна подготовка и неорганизираност. Затоа настојувам колку што можам да ги предвидам сите мали и големи „предизвици“ со коишто ќе се соочам во текот на денот, а мојот новинарски живот е толку непредвидлив.
На таков начин, дури и најхаотичните денови со снимања или емисии во живо течат без проблеми и денот ми минува со леснотија, имам доволно време за сите обврски, за потоа да уживам во ручекот некаде со пријателите, а вечерта да ја поминам повторно во размислување и изнаоѓање нови креативни идеи и решенија.
Мора да признаам дека не ги сакам кратките зимски денови, некако ми ги скратуваат можностите за активности, но затоа ова е период кога многу сакам да одам во кино, театар, има толку убави концерти и други настани коишто ги посетувам приватно или професионално и верувајте ништо не може толку многу духовно да не издигне како уметноста. Консумирајте ја неограничено!