Рецепти за домашни и здрави кашички кои ќе ги сака вашето бебе 6+
Каша од просо и кајсии за подобар хемоглобин
Состојки: ◦ 1 лажица просо ◦ 3 кајсии Подготовка: Просото оставете го да кисне во вода 8 часа. Ова најдобро да го направите од вечер. Кога ќе откисне, добро измијте го и ставете да се вари во вода околу 20 минути. Кога ќе се свари просото оставете да се олади. Кајсиите добро изблендирајте ги. Доколку сметате дека е потребно, изблендирајте го и просото заедно со кајсиите. Послужете го оброкот свеж. Кајсиите и просото се извор на железо и затоа овој оброк е совршен за подобрување на хемоглобинот. Пријатен апетит. НАПОМЕНА: За подобро апсорбирање на железото потребено е да се внесе витамин Ц. Консултирајте се со вашиот педијатар со кој суплемент да внесете витамин Ц кај вашето бебе. Рецептите за подобрување на хемоглобинот се составувани во консултација со нутриционист.
Каша од просо, банана и праска
Состојки: ◦ 1 банана ◦ 1 праскa – ◦ 2 лажички просо Подготовка: Просото оставете го да кисне во вода 8 часа. Ова најдобро да го направите од вечер. Кога ќе откисне, добро измијте го и ставете да се вари во вода околу 20 минути. Кога ќе се свари просото оставете да се олади. Во зависност од навиките на бебето, овошјето можете да го изрендате или блендирате. Во секој случај, праската излупете ја. Доколку сметате дека е потребно, изблендирајте го и просото заедно со бананата и праската. Послужете го оброкот свеж.
Зеленчукова каша со киноа
Состојки: ◦ 1 китка брокула – ◦ ¼ морков ◦ 1 тркалце тиквица ◦ 2 лажици киноа ◦ 150мл вода Подготовка: Ставете ја киноата да се вари во водата, 25 минути. Зеленчукот исчистете го и ставете го да се готви 15 минути во сад за готвење на пареа. Кога ќе се свари киноата исцедете ја водата и заедно со сварениот зеленчук ставете ги во блендер. Блендирајте додека се добие изедначена смеса. Послужете ја кашата топла.
(Бебе Готвач)