Убави вести

Промоција на „Мини прирачник за поезија“ – Елена Пренџова

Во вторник, 26.12.2017, во 20.30 часот во кино салата на Кинотека на Македонија ќе се одржи промоција на книгата „Мини прирачник за поезија“ на поетесата, слемерка и препејувачка Елена Пренџова.

„Мини прирачник за поезија“ е седма по ред книга на авторката и прва книга есеи по претходно објавените збирки поезија.

„Уште кога почнав да пишувам и кога не ни бев свесна за позивот – поет/поетеса, а не па дека и јас ќе ја следам таа патека, пишувам исклучиво поезија, со многу малку авантуристички подвизи во некои други жанрови. Ова е моја прва објавена книга која не е збирка поезија. Сепак, врската со поезијата е очигледна, затоа што оваа книга претставува збирка размисли и ставови за поезијата и актуелната поетска сцена. Чувствувам дека една ваква збирка си должев себеси по многуте експериментирања и истражувања во различните поетски стилови. Неизмерна ми е радоста што „Мини прирачникот за поезија“ излезе од печат токму една деценија од објавувањето на мојата прва збирка поезија и воедно прва книга воопшто во 2007 година“, изјави авторката, која, инаку е и магистерка по книжевни науки.

Книгата содржи десет есеи обајвени во периодиката, презентирани на поетски средби и фестивали, но и претходно необјавени текстови. Рецензент на книгата, воедно и промотор, е проф. д-р Иван Џепароски. Модераторка на вечерта ќе биде новинарката и радио водителка Христина Ѓорѓиевска.

Книгата е објавена со помош на иницијативата на групно финансирање која авторката го започна лани.

Поврзани статии

Back to top button