ЖивотУбави совети

Пријател по изглед или економски статус не се бира!

Како што растеме и старееме така со текот на времето бројот на пријатели постојано опаѓа. Впрочем, ми се причинува како да поимот пријателство на многумина не им е и воопшто познат.

Се сеќавам кога бевме деца, кога бевме цела чета од другарчиња, кога се двоевме од другите деца затоа што ја препознававме погрешноста на одредени постапки кои ги прават. Кога не знаевме да двоиме богато од сиромашно дете, кога се договаравме сите заедно на кој сосед ќе му се обесиме на ограда за да береме цреши и да ги поделиме меѓу себе. Кога бевме невини, чисти и искрени души кои се би дале на светот само за да останат уште пет минутки на улица за да можат повеќе време да поминат со другарчињата. Но, се промени се, како што растевме и осознаваме нови работи така постепено бројот на пријатели се намалуваше. Секогаш и во секое друштво постоеле оние кои отскокнувале од “правилникот” на пријателство а никогаш не ја согледувале таа маана.

Денес, кога сите веќе сме оформени личности, зрели, и возрасни како повторно да не ги согледуваме тие работи па одново и одново продолжуваме да ги споделуваме најдлабоките тајни и маки со нив. Продолжуваме да им помагаме кога ќе го побараат тоа од нас, а тие пак како да имаат сфатено “здраво за готово” и очекуваат дека секогаш треба да им бидеме на располагање. Продолжуваме да им се радуваме на успесите кои ги редат, продолжуваме да ги споделуваме и нашите успеси со нив, а што добиваме за возврат? Ништо. Макар кога ќе не снема за момент од икс причини една обична порака “Каде си?”,  “Како си?”, “Се случило ли нешто?”. Ништо! Па, повторно се тие центар на вниманието и згора на се си земаат за право да бидат лути на нас, кои во ниту еден момент не ги оставивме сами.

Е па, такви пријателства не ни се потребни. Себичноста на луѓето прави да бројот на пријатели се намалува. Затоа луѓе преиспитајте се себе си прво дали сте пријател. Дали и кому би му биле. Затоа што пријателот по изглед или економски статус не се бира. Се бира по карактер!

 

Поврзани статии

Back to top button