Предлог книги за убав ден!
Зора зад аголот (Димитар Солев) „За разлика од некои, што се родени со среќа па фрлени на буниште, јас сум роден на буниште и фрлен на среќа. Буништето е меана, а среќата град…“ Вака ја почнува својата приказна безимениот наратор со презиме Колиштрк, кој од безбедната позиција на балконот, каде што се чувствува „ни на небо ни на земја“, низ самоделски перископ од огледалца, го набљудува животот на намерниците во меаната на неговиот татко – „Зора“. Преку симболот на перископот, овој роман – што е парадигматичен за модернистичките тенденции во современата македонска книжевност – автореферира на писателскиот занает. Тоа се потврдува и со последната реплика во романот: „…нема ништо поубаво од убивање на времето; макар и со ѕиркање во туѓи животи, додека не си го имаш својот“. Помеѓу почетната и крајната точка, пак, се простира современа хроника за градот Скопје од втората половина на 20 век, метонимиски претопена во историјата на славната „Зора“ зад аголот, која е и симболичкиот архив на предземјотресно Скопје.
За пет години (Ребека Серле) Каде се гледате себеси за пет години? Дени Коен живее според правила. Млада е и амбициозна, и точно знае каде се гледа себеси во животот. Нималку не личи на својата најдобра пријателка, спонтаната и романтична Бела. По неколку години вредна работа и грижливо планирање, Дени е на прагот за остварување на своите соништа. Ќе се вработи во најдобрата адвокатска фирма, а нејзиното совршено момче ја запросува. Дени лежи на нејзиниот кревет задоволна и убедена дека работите одат според планот. Кога ќе се разбуди, Дени се наоѓа во друг стан, со поинаков прстен на раката, покрај сосема друг човек. Следниот еден час од нејзиниот живот Дени го поминува пет години во иднината, пред повторно да се разбуди. Иако настојува да го потисне живописниот сон, Дени не може да престане да размислува за тоа искуство. „За пет години“ е незаборавна љубовна приказна, но не онаква каква што очекувате.
Мојата мрачна Ванеса (Кејт Елизабет Расел) 2000 г. Соочена со првите тешкотии во животот, но амбициозна и желна за побрзо да порасне, Ванеса Вај е втора година во престижно средно училиште кога влегува во афера со Џејкоб Стрејн, магнетски привлечен професор по книжевност. 2017 г. Речиси дваесет години подоцна, со бранот обвиненија против моќни мажи, старите гревови пристигнуваат за наплата. Некогашната ученичка го обвинува Стрејн за сексуална злоупотреба и очекува од Ванеса да го стори истото. Ванеса е вџасена, бидејќи нејзината врска со Стрејн била љубов. Во тоа е сигурна. Сепак, црвот на сомнежот ù ги нагризува сеќавањата и таа почнува да ги преиспитува спомените, да размислува за сè што се случило, за повторно да ја дефинира љубовната приказна, која всушност никогаш не завршила и која го обележува нејзиното постоење, нејзиниот живот. Дали навистина била жртва, и тоа само една од многуте?Пред неа е невозможен избор: дали да остане нема, цврста во уверувањето дека своеволно влегла во таа младешка врска или да гледа со поинакви очи на себе и на своето минато?
Но, како да се откаже од својата прва љубов, од човекот кој ја променил од корен и бил секогаш присутен во нејзиниот живот? Дали е возможно всушност воопшто да не го познава мажот кој како девојка толку го сакала и кој ù се колнел дека ја обожава само неа?