Предлог книги за убав викенд
Читањето книги е најубавата навика која може да ја имате. Ако во текот на неделата немате многу слободно време поради работните обврски, викендот е вистинско време за да пронајдете неколку часови и да уживате во добра книга. Одбравме по нешто за сечиј вкус!
Црвената волчица – Лиса Марклунд
За љубителите на трилер книги ова е вистинскиот избор. Една темна ноќ, во градот Лулео на северот на Шведска убиен е еден новинар. Детективката Аника Бенгтсон наоѓа врска помеѓу убиството и нападот на една авио-база кој се случил во шеесеттите години. Тајните се бројни и опасни, а таа е вовлечена во вртлогот на насилство и тероризам чии трагови водат се до шведската влада. И покрај наредбите од претпоставените, таа одбива да излезе од вртлогот и продолжува да истражува додека нејзиниот приватен живот се распаѓа…
Мала книжарница во Париз – Нина Џеорџ
Оваа книга е роман за моќта која пишаниот збор ја поседува и силата која ја поседува врз нашиот живот. Главниот лик, Жан Перду потполно е уверен во чудотворноста на читањето и точно знае која книга може да излече одредена душевна болест, која ја лечи тагата, која ги лекува скршените срца, која ги лекува негативните мисли… Тој ги продава книгите како лек. Иако тој знае како да ги лекува луѓето со книги, сам себе не знае да се излечи од една болка која живее во него веќе дваесет години… Совршен роман за сите оние кои се непоправливо вљубени во книгите!
Љубовологија – Бруно Шимлеша
За оние кои ја сакаат психологијата, ја одбравме книгата на познатиот хрватски психолог, автор и терапевт Шимлеша… Во неа тој одговара на неколку важни прашања: „Каква е разликата помеѓу љубов и заљубеност?“, „Постојат ли сродни души?“, „Има ли безусловна љубов?“, „Дали е можно да се помине преку неверство?“ Оваа книга има за цел да не научи како да изградиме здрави и среќни врски без разлика дали станува збор за љубовни, семејни или пријателски…