Убави вести

Предлог за продолжено породилно отсуство низ призма на “Една може”

Граѓанската организација за еднородителски семејства Една Може! како организација во која најголемиот дел од членовите се пред се, жени и мајки, смета дека со предлогот за продолжено породилно отсуство се отвора можноста за зголемување на ограничувањата на понуди за работни места за жените на пазарот на трудот, поттикнување на неактивноста на жената на пазарот на трудот.  Со тоа и предизвикување на кариерна стагнација на жените што од своја страна ќе има влијание врз продлабочувањето на родовиот јаз во платите кој во Македонија и онака е висок и на крај дополнително ќе ги исклучи татковците од можноста да развиваат подеднакво родителски вештини и одговорности заедно со мајката од првиот ден на раѓањето на нивното дете/деца. Сето тоа ќе ги стави во понеповолна позиција мајките или идните мајки кои се одлучиле да донесат нов живот самостојно, без партнер.

Зборувајќи од искуство на нашите членки сакаме да ја зголемиме свесноста на јавноста за потребата од следење односно придржување до законските одредби поврзани со оваа тематика за заштита на жената-мајка како и идните мајки, а со тоа наместо продолжување на породилното отсуство предлагаме:

– Сензитивизирање и поттикнување на татковците за заеднички обврски и одговорно родителство, како и отворање на центри за развивање родителски вештини за двајцата родители, а понатаму и воведување на заедничко користење на родителско отсуство на двајцата родители. Ова да се однесува на оние родители, кои биолишки ги зачнале своите деца, како и на оние родители, кои посвоиле дете/ца.

– Зајакнување на капацитетите на претшколските установи во насока на отворање на поголем број на градинки, зголемување на кадарот во тие градинки, а формирање на помали групи на деца односно строго придржување кон законско пропишаниот број, подобрување на условите и услугите на згрижување како и квалитетот на кадарот преку постојани обуки и нивна професионална надградба, предимство при упис во градинки на деца од еднородителски семејства и социјално ранливи категории на семејства.

– Заштитата на мајчинството е основно човеково право и оттука потребно да се преземат мерки за заштита пред и по бременоста на жените- мајки или идни мајки кои не се во работен однос и не остваруваат право на платено породилно отсуство.

– Обезбедување на потребни социјални услуги и служби за помош и поддршка на родителите со цел да се обезбеди урамнотежување на семејните обврски со обврските на работното место и учеството во социјалниот живот со посебно поттикнување на основање и развој на мрежи од установи за згрижување на деца.

– Осигурени посебни мерки за заштита на жените за време на бременоста на она работно место за кое е докажано дека е штетно за здравјето на бремени жени.

-Строго придржување до законските одредби и санкционирање на оние кои го прекинуваат работниот однос на жената за време на бременоста или по периодот на враќање од бременост, при што теретот за докажување дека причините за отпуштање не се поврзани со бременоста или раѓањето на детето или отсуство на мајката како последица на потребата од нега на детето, да биде на работодавецот.

Ако сакаме рамноправно родителство, да не заборавиме дека родителството е вештина и истата треба да се применува од првиот ден на зачнување на дете, од двајцата партнера.

Тимот на Една може!

Поврзани статии

Back to top button