Од васУбави муабети

Отвори црна дупка во моите гради…

Како се започнува приказна на која не и се знае почетокот?
Можеби пред создавањето на светот, оние богови кои си играле со прашината на ѕвездите…истуриле дел од таа магија и создале љубов.
Знам дека кога вдишав прв пат, ја почувствував таа моќ на возвишување.
Љубов.
Тебе така те нареков, затоа што ти доликува.
Мислам дека не наоѓам зборови. Или, можеби стојат исплашени на врвовите на моите усни…за да не излезат и да не те исплашат.
А знаат да плашат длабочини.
Знаеш како е кога за момент во тебе се случува експлозија, па како да создаваш Универзум…а тој отсекогаш постоел таму?
Така најдлабоко во мене ги измести сите соѕвездија, сите прашини во кои е сокриена една убавина на едно постоење.
Отвори црна дупка во моите гради. Бескрајна.
И ништо друго не допира до неа, освен ти.
Како сѐ твое да ја исполнува со светлина.
Твоите очи. Твоето лице. Твојата насмевка.
Мирисот на твојата кожа и нежноста на твоите воздишки…
Мислам дека ми го одзема правото на живот.
Ми даде нов.
Се трудам да си ги чујам сопствените мисли. И тие ме изневеруваат, го шепотат твоето име.
Се откажав од сите богови. Лажни и вистински. Се откажав од изгрејсонца, ги продадов сите зајдисонца…
Се трудам некогаш да си ги сокријам солзите, па ќе го покријам лицето со раце…онака како една ноќ, едни бакнежи што ми го покриваа.
Одамна го изгубив правото на големина.
Сакам да ти се извинам за овој живот.
Не е времето погрешно. Не е ниту местото погрешно. Јас сум.
Овој пат, јас сум сѐ што е погрешно.
Ти ги украдов насмевките за миг и од нив си создадов небесен свод. За секогаш кога ќе ме совлада умор, да легнам и да гледам нагоре. А таму, Ти.
Ангел.
Мој.
Единствен.
Каков безличен крадец сум јас.
Мислев дека ако ти подарам вечност во секој миг…ќе сфатиш колку постоења те барам.
А ништо не подарив. Ти украдов сон, ти украдов време, ти крадев по малку среќа секоја ноќ пред да ги затвориш очите.
Нема да ти се извинам за љубовта.
Никогаш нема да ти се извинам за тоа што те сакам до отварање на градиве, за да влезе сѐ твое во мене.
Можеби сме научени да сме марионети.
Можеби сме навикнати да ги држиме конците…
Можеби и многу љубов некогаш не чини, затоа што е од некој кој е погрешен.
Никогаш не се сметав себе си за мудрост.
Многу нешта не знам. Многу нешта ќе заборавам. Многу нешта ќе научам.
Едно е константа. Ти.
Ти си мојата црна бескрајна дупка…
Ќе помислиш- Па можеби е лошо тоа.
А не е.
Сѐ што ми е дарено, а е твое… Сочувано е најдлабоко, во мојот бескрај. И сѐ што е мое а ти припаѓа само на тебе, нема крај.
Сакав многу нешта да напишам.
Не сум поет. Ништо големо не сум.
А пак…
Се што сум, секогаш ќе биде твое.

Маја Спасовска

Испратете и Вие ваш текст на info@ubavo.mk

Поврзани статии

Back to top button