Нивните книги треба да бидат дел од вашата домашна библиотека!
За денес одбравме три супер интересни книги од наши млади, талентирани и амбициозни автори кои вредат да бидат прочитани.
Сите мажи ја сакаат Лиа (Ксенија Николова) Ова е твоја борба и ти мора да победиш. Никој не може да ти помогне. Уморен си од слушање туѓи приказни, сакаш своја приказна. Пропаднат во сопствената црна дупка, забораваш како изгледа светлината. Твојот часовник стои, како да си претворен во лед. А сакаш цветови. Сакаш бои. Сакаш шаренило. Не ти останува ништо друго, освен да создадеш свој свет. Насликај го. Насликај и цветови. Направи го шарен твојот свет. Тогаш, испружи се врз цветовите и помирисај ги. Длабоко земи воздух и набљудувај. Некогаш треба да бидеш набљудувач на сопствениот живот, за да сфатиш дека само тоа и си бил цело време. А потоа ќе се засрамиш и засекогаш ќе се промениш.
Соба 610 (Јован Илиески) Колку може еден човечки ум да биде непредвидлив? Непозната жена го пријавува нејзиниот сопруг за исчезнат, по изминати триесет часа. Прочуениот инспектор во Верона, почнува да работи на случајот, но никој не го предупредува од неочекуваното, сè додека полицаецот Пелегрини не му каже дека таа жена е многу добро позната на полицијата. По нејзиното заминување од станицата, градот на љубовта, преку ноќ се претвора во градот на измамата, скриените тајни, манипулирањето со потсвеста. Мистериозното исчезнување на нејзиниот сопруг достигнува напрегнат психолошки пресврт кој си игра со здравиот разум на секој лик во приказната, a најмногу со нејзиниот. На крајот, колку ќе го чини злосторникот, ако биде жртва на сопствениот хаос?
Живот (Кристијан Станковски) Одбрани приказни од страна на Кристијан Станковски, младото момче, кое се прослави со интересни пораки на картони. Преку оваа автобиографска книга, сака да ви го пренесе своето животно искуство, подемите и падови, убавина и тага, сето тоа преточено во страници кои ќе го задржат вашето внимание од почетокот па се до самиот крај.