ЖивотУбави совети

Направете ремек-дела од велигденските јајца

Започна неделата во која ги правиме последните подготовки за големиот празник Велигден.

Подготовките за овој ден, особено бојадисувањето на јајцата се голема радост за децата кои сакаат да се вмешаат во процесот и да украсат некое јајце, но за мајките кои секогаш се во теснец со времето може да биде голема обврска. Веројатно, уште поголем притисок создава фактот дека на социјалните мрежи сите жени ќе се фалат и натпреваруваат која има поукрасени и поштосни јајца.

Со вас споделуваме една супер креативна идеја која ќе го намали времето и процесот на украсување, а вашите велигденски јајца ќе бидат уметнички дела.

Сигурно, некаде по дома во старите плакари имате свилени вратоврски од вашите дедовци или татковци кои се шарени. Наместо да ги фрлате за време на генералното чистење на домот употребете ги за да ги бојадисате јајцата. Можеби ви звучи чудно, но делува!

Најнапред, мора да сте сигурни дека употребувате свила, а не сатен. Исечете парчиња од свилата кои се доволно големи за да можете да ги завиткате јајца како мали бовчи. Врзувајте внимателно за да не ги скршите јајцата. Лицето на свилената шара треба да биде свртено кон внатре, односно кон јајцето.

Најдобро е да ги врзете со ластиче или цврста трака која е отпорна на високи температури.

Откако ќе ги свиткате во свилата, на истиот начин ги виткате уште еднаш во платнена такенина (за оваа постапка слободно употребете ги старите навлаки за перници кои веќе не ги употребувате).

Ставете ги јајцата да се варат на тивок оган. Главната состојка во оваа техника е винската киселина. На секој литар вода во тенџерето додадете по седум лажици винска киселина. Оставете ги јајцата да се варат дваесетина минути. Откако ќе се сварат, извадете ги од тенџерето и оставете ги да се оладат.

Откако ќе се оладат, одврзете ги ткаенините и ќе добиете украсни јајца кои личат како да се цртани со четка и акварелни бои.

 

Поврзани статии

Back to top button