Мајка му ќе е невестата или јас?
Се вели дека подготовките за свадбата се едни од најубавите моменти во животот, кои се паметат засекогаш. Дека таа возбуда не се опишува со зборови, а среќата треба да е неизмерна. Целиот тој хаос пред свадбата треба да е совршен и интересен, но во мојов случај како да не е така. Далеку од совршен период од животот ми е токму овој во кој се прават последните подготовки за прославата. Откако договоривме дата за венчавката јас се чувствувам неважна. Нели, невестата треба да е во фокустот? Во мојов случај, јас сум невестата, но изгледа дека има една стара невеста чии желби се поважни од моите. Тоа треба да е мој ден, по мој вкус и за мој ќеиф, ама изгледа нема да е. Ден на мојата идна свекрва… Нејзините желби и хирови ми ја умориа душава. Попуштај, инаети се, ма се со неа џабе е. Секоја ситница по нејзино да ја истера, таа мора. На сила убавина не бидува, ама што да направиме во пет до дванаесет… Не сакам мојот сакан да го ставам помеѓу два огна, не сакам ниту моите да ги срамам и загрижувам ама да ја издржам не можам. Секој момент кој требаше да го паметам по убаво јас ќе го паметам како стресен, напнат и изваден на нос. Можеби ќе речете Не се нервирај-не вреди, не и попуштај-твој ден е, не слушај го разумот-срцето не смее да тагува… Но, ете не знам како да се справам со неа. И, постојано ми се врти едно прашање во главата: мајка му е невестата или јас?
М.Г