Колкава е цената на среќата?
Очите…како мрак ти се. Како да се сокриени сите темнини на светот во тебе…така ми рече. А во нив, од светот те сокривам. Да те сочувам од секое лошо. Да можеш да нурнеш во моите длабочини, па да си го најдеш својот спокој Чуден е оној човечки порив да се бори за својата среќа. Од нигде никаде, се раѓа храброст да го превртиш светот. -Те сакам…прошепотив. Да ме чуеш само ти, додека празни ликови полни со своите демони, се обидуваа да украдат убавина. Се насмевна. Чинам ми го одзема здивот во тој еден миг. Во твојата насмевка ги украде сите мои вдишувања. Помислив- Каде беше целиот мој живот? Без да сфатам дека доаѓаш во вистинското време, баш кога треба да дојдеш. Ќе ти признаам… Никогаш не дозволував некој да ме допре толку длабоко. Ниеднаш некој не успеал да ја види мојата суштина… А ти? Ти од првиот миг знаеше… Знаеше дека ќе го освоиш мојот свет. Знаеше дека моите треперења ти припаѓаат. Знаеше дека во најтемните длабочини на едни очи, постои твоето спокојно место. И се прашувам понекогаш…Колкава е цената на среќата? Па ќе ми поминеш низ мисли, ќе ме прошеташ низ сите твои убавини…и ќе се насмевнам. Една насмевка, толкава е цената на среќата. Не сум ништо големо, ниту сум нешто посебно. Несовршена до бескрај… Како оние паднатите ангели без крила. Никој не им се радува, затоа што не ги препознава кога ќе се измешаат со обичните смртници. А во себе носат надеж. Ете, баш таа, надежта… Таа ми ги отвара очите секое утро. Таа ми шепоти дека во твојот сон, чуваш парче нежост за мене. Луда сум. Чудна сум. Мислиш некогаш дека ме измислиле, сите твои најдлабоки фантазии. Дека ме создала твојата потреба за душа, која ќе ти покаже сѐ што ти е сокриено во соништата. Постојам. Постоиш. Секоја една помината граница, нѐ носи подалеку од стравот. Поблиску до исполнувањата. Рече- Ќе биде тешко. Знам. Ќе биде претешко… Она суштинското не бара леснотија. Вредноста се мери по жртвувањата. И ме гушна. Затреперив како да се топам пред светот… Знаеш што? Во таа твоја прегратка припаѓам.
Маја Спасовска
Испратете и Вие ваш текст на info@ubavo.mk