Одлучив да му дадам време на времето, нека ме лекува!
Еве ме, повторно гледам во празно и повторно сум тажна. Изгледа овој пат ме удри премногу силно. Боже, како земјотрес да ме протресе. Траумава си велам ќе е вечна. Со денови не можам да заспијам.
Умот упорно се трудеше да ги затвори очите, но тие упорно се отвараа. Шараа и со часови него го бараа. И, некако сум потонала во сонот. Секогаш кога заспивам без него ме мачеа несоници и кошмари. Се будев уплашена, испотена и со изгубен поглед. Мислата дека сум уморна од животот без него ме плаши највеќе. Изгубениот поглед и рацете кои ми се тресат, ги загрижуваат моите најблиски.
Си реков да почнам од почеток, време е. Излегував, другарував, спортував и работев како робот. Единствено што ме радуваше во тој период беа килограмите кои ги губев. Со брзина на светлината, како што го изгубив и него. Храната ми стана одбивна, а постојано чувствував глад. Глад за него. Чекорот за лично пронаоѓање се трудев да ми биде постојан и стабилен. Тешко беше, но јас се трудев.
Имаше денови кога не сакав да станам од кревет. Ама, со сила ќе се придвижев. Ќе ги скриев трагите од непроспиената ноќ со многу шминка, лажев дека имам алергија, па ми солзат очите, ставав дрско црвен кармин за да го оттргнам погледот на другите од моите очи. Се прскав со парфем. Обелкував ведри бои, а душата ми беше црна.
Знаете, имало вистина во она дека времето лечи рани. Лечи! Раните денешни за десет години од денес помалку ќе болат. Можеби минимално… Ама треба време. Многу време. Одлучив да му дадам време на времето. Нека ме лекува!