Како да се мотивирате да работите?
Денеска е понеделник, а веќе со нетрпение го очекуваме викендот бидејќи е продолжен и ќе можеме да уживаме во празниците, дружбите со саканите луѓе и убавото, сончево време.
Но, како да се мотивираме за време на работната недела?
Не сите оние кои се вработени ја работат работата од соништата. Факт е дека мора да се работи за да се решат некои егзистенцијални прашања. На луѓето кои работат на место кое многу и не го сакаат, секогаш им е тешко и се борат самите со себе за да ги завршат сите обврски, а притоа да не си заминат дома под стрес и напнати. Секогаш, има начини како да се мотивирате.
Организирајте го времето
На распологање имате осум работни часа. Да речеме дека седум од нив ќе ги одработите ефективно. Направете план на лист хартија со тоа што ќе запишете колку време ви одзема секоја обврска и пресметајте колку време навистина ви треба. Не можете да работите добро ако половина од работното време го поминувате дремејќи на Фејсбук.
Започнете од најтешките обврски
Колку и да звучи клише, функционира. Штом стигнете на работа, фатете се за најтешката задача бидејќи имате енергија. По завршувањето на најтешкото, направете пауза за кафе и завршете ги ситните обврски. Практикувајте го ова правило секој ден и ќе согледате колку добро функционира.
Зошто го правите токму ова?
Кога работите нешто запрашајте се зошто го правите тоа? Од љубов, за градење на кариера или чисто само за пари? Кој и да е одговорот, знаете дека имате причина зошто извршувате одредена работа.
Почестете се по добро завршената работа
Ова не значи дека по завршувањето на секој работен ден би требало да си купите нови чевли или чанта, но по завршувањето на некоја голема и тешка работа слободно почестете си со добро кафе или вкусен десерт.
Кога се мора, не е тешко
Старите велат вака. Денеска, ќе се согласиме. Не ги сфаќајте обврските како нешто премногу страшно, бидејќи без нив животот би бил здодевен! Едноставно е, сконцентрирајте се, завршете ја работата и правец дома за да им се посветите на сопругот и децата или во омиленото кафуле на пијалак и добар муабет со другарките.