Што прават вашите деца на интернет?
Брзиот и несопирлив галоп на технологијата во огромна мера го промени начинот на кој функционираме, комуницираме и споделуваме информации.
Ако пред дваесетина година за децата од претшколска и школска возраст единствена занимација беа најблиските паркови и мирните улички каде игрите траеа сè додека сонцето не зајде, денешните деца најчесто се занимаваат со интернет. Глобалната мрежа стана најпопуларната дадилка која не го оштетува домашниот буџет и многу родители ги оставија децата пред компјутер или таблет за да им е интересно, додека тие да ги завршат работните и куќните обврски.
Од друга страна, плејада на офтамолози, педагози, психолози, ортопеди гласно порачуваат дека претераното дремење пред екраните е штетно за видот, ’рбетот и вратот како и за севкупниот психо-физички развој на децата и младите.
Во денешно време, да бидеме искрени, ниту еден родител не би можел во целост да забрани употреба на смарт уреди кога во прашање се неговите деца.
Но, секој родител треба да биде свесен дека мора да го ограничи времето кое детето ќе го поминува пред компјутер и најважното од сè е да внимава каква содржина консумира неговото дете на интернет. Мајките и татковците мора да се погрижат за дигиталната безбедност на своите деца, да ги блокираат сите страни кои содржат порнографија, насилство, предрасуди и обиди за манупулација на детето кое сè уште не расудува правилно. Доколку не знаат како да го направат тоа, постојат специјалисти за компјутерска безбедност кои секогаш се добредојдени за ваквите моменти.
Исто така, важно е родителите суптилно да им наметнат на своите деца корисни содржини кои можат да се пронајдат на интернет, а кои на детето ќе му бидат од корист, како на пример, едукативни страни за изучување на странски јазици, математика, техники на цртање и слично.
Родители, вие не можете да спречите вашето дете да пристапува кон глобалната мрежа, но погрижете се во секој момент да знаете што вашето дете гледа на интернет и потрудете се интернетот да им биде од корист сега и во подоцнежните години, наместо да биде извор на зло.