Бабички мои, ќе ве чувам во срцето, оти во вашите јас бев со години…
Откако паметам за себе, паметам и за двете мои баби. Едната висока, стројна жена со факултетска диплома, долги години работен стаж, со желба да оди на театар и да чита книга, другата ниска и со големи образи, со лузни од војни и сиромаштија, со едвај завршено вечерно школо и со желба да готви за да бидат полни мешињата на нејзините дечиња и внучиња. Едната од големиот град, другата од село кое веќе на постои.
Двете ми ги дадоа најважните животни лекции. Ме учеа дека животот не е лесен, ама е убав. Едната ме натера засекогаш да се вљубам во книгите, другата во тетратката со рецепти. Едната ме учеше како да бидам дама и да имам стил, другата како да ги шијам и везам алиштата за дамата. На моменти, ми беа повеќе од мајка и татко заедно. Едната ме учеше како правилно да го употребувам приборот за јадење кога сум во ресторан, другата ме научи да месам зелник и да печам пандишпан. И бескрајно сум среќна за тоа. Бескрајно им сум благодарна за тоа што направија од мене жена со став и карактер. Жена која го носи европскиот дух, но, и оној традиционалниот, дека жената освен кариера, треба да создаде и дом. Дека куќата без вистинска жена и не е баш убава.
Но, ете денес, на три дена пред мојата свадба се чувствувам тажно, носталгично, празно. Нема да ме видат во белиот чипкан фустан кој го шиев со месеци. Нема да видат дека од едната ја позајмив нараквицата, од другата обетките. Нема да видат каков чеиз си спремив. Нема да заиграат напред на орото, нема да плачат кога ќе излегувам од дома, нема да фрлаат со бонбони по мене… А кој знае, можеби од горе, од небото, знаат сè, гледаат сè…
Бабички мои, каде и да сте, чувајте ми ја силата за сите денови што идат, за сите препреки што животот можеби ќе ги постави пред мене. Чувајте ми го умот за на стари години. И илјадници зборови не се доволни за да се заблагодарам за она што го направивте за мене, за личноста која ме направивте, за нештата на кои ме научивте, за тоа што ме натервате да верувам, да се надевам, да сонувам…
Ви ветувам дека ќе бидам добра сопруга и ќе остарам заедно со него, како што вие остаревете со моите дедовци. Ви ветувам дека на моите деца ќе им раскажувам за вас. Ќе им покажувам фотографии. Ќе ве чувам во срцето, оти во вашите јас бев со години…