Дали вашето дете е центар на вниманието?
Секое дете има потреба од родителска љубов, грижа и внимание. Но, во одреден период од животот детето има потенцирана потреба од вниманието на родителите, односно децата го прават и невозможното за да бидат центар на внимание.
Според експертите за детски развој, таковиот период започнува околу првата година од животот на детето кога сака да е во фокус на родителите, особено од страна на мајката. Особено е потенциран, доколку детето во првите неколку години од својот живот добие братче или сестриче.
Децата сакаат да бидат забележани и видени, да почувствуваат дека нивните родители го чувствуваат и доживуваат она низ што тие поминуваат во тој период.
Овој период кој кај некои деца трае се до одењето на училиште, а кај некои завршува порано, е многу важен за правилниот психички развој на децата и нивното формирање на карактер. Децата треба да бидат забележани кога сакаат да се центар на внимание, бидејќи доколку не се случи тоа, тие како возрасни ќе имаат несвесна потреба да бидат центар на внимание, ќе се нарцисоидни и егостични што може да доведе до компликации во односите со другите луѓе, без разлика дали тие односи се љубовни, колегијални или пријателски.