Некатегоризирано

Јас замислувам разговор со тебе…

Понекогаш, се што ни треба за убав да ни биде денот е еден убав збор, добра мисла, моќен стих, цитат кој вечно ќе го паметиме…

Ги одбравме најубавите стихови од македонската поезија. Се надеваме дека ќе ви го разубават денот.

…Кога ја љубев Дениција,​
како да внесував летен воздух во воздухот зимен,​
како да ги откривав сите рудници на злато,​
како да добивав телефонска врска со сонот​
од сите успани работници.​..

Кога ја љубев Дениција – Петре М. Андреевски

Кога си мислам нешто ќе биде
ништо не бидува
кога си мислам ништо нема да биде
пак ништо не бидува
барам начин на мислење
кајшто нема мисла

Мисли – Тихомир Јанчовски

Има еден има човек
Од човека почовeк e:
Прецедена човештина!
Препeчена убавина!

Еден човек – Гане Тодоровски

Јас замислувам разговор со тебе,
Некакво правдање,
Некакво објаснување.
Јас смислувам прикладни зборови,
Вистинити,
Топли,
Искрени докрај.
Можеби јас би ти кажал
Во тој дијалог
Дека, и покрај сето,
Ти си повлекла виножито
Над мојот живот,
Дека ти си ме вклопила во некаква неповторлива целост…

Разговор – Блаже Конески

…Никојпат не е таа сама.
Таа се две: онаа која бесконечно молчи
и онаа која го слуша моето молчење…

Таа – Анте Поповски

Ти си ми тивка и маѓесна,
Ти си ми тажна царица,
Ти си ми златна и бисерна,
Ти си мојата љубов –
Малечка моја татковино,
Пролет што не си видела,
Ниту пак сонце и радост…

Љубов – Антон Попов

Ветрот, коњот, пуполката
никогаш не запираат
Ни морето не запира.
Во себе пронаоѓаат клуч и чекор
и секогаш имаат сила
да оплакуваат и оплодуваат…

Клуч на светот – Радован Павловски

Поврзани статии

Back to top button