Убави книги и филмови

Три книги за убав ден

За денес одбравме три супер возбудливи и интересни книги кои вредат да бидат прочитани.

Здравица (Саша Богдан) Здравица е новела за една посебна генерација, генерацијата на Мака, родена за време на Тито и растена во време на транзицијата. Почнува со раѓањето на Мака, кога кумот пивнува малку повеќе, па категорично одлучува на новороденото бебе да му го даде името Македонка, на незадоволство на родителите. Вечерта завршува со здравица на која Мака ќе се навраќа со доза на љубов, хумор и тага во текот на целиот свој живот: „Тито, Југославија, Македонија и Македонка ќе бидат вечни!“. Преку допадливиот лик на Мака, низ нејзиното детство и младост се навраќаме на животот во Југославија, а потоа со нејзиното созревање, преку низа интересни лични доживувања, во позадината суптилно ги следиме промените во Македонија. Со многу хумор и емоции, Саша Богдан евоцира мноштво спомени кај сите нас и нема кој нема да се пронајде барем малку во приказната на Мака, приказната за животот во нашата државичка. Но приказната на Мака не е само приказна за животот во Македонија или во Југославија – приказната на Мака е приказна ЗА ЖИВОТОТ. За подемите и падовите, за радостите и солзите, за надежите и стравовите, за љубовта и разочарувањата, за семејството и пријателствата… Оригинална, духовита и многу емотивна – едно е сигурно: многу одамна не сте читале нешто слично!

Улицата на бродовите (Сара Џио) Во врнежливиот Сиетл, на езерото Јунион, постои нешто што се нарекува Улицата на бродовите. Тоа е заедница на пловни куќи, каде што се живее уникатен, мирен и романтичен живот на вода. На самиот крај на доковите, има една пловна куќа со изветвени шиндри од кедар и ползавец грамофонче, но убавината на белите цветови може да лаже. Во педесеттите години, Пени, млада невеста на познатиот сликар Декстер Вентворт, се вселува во куќата и мечтае за исполнет живот како муза на успешниот локален уметник кого го очекува светска слава. Во сегашноста, Ада Санторини по игра на случајноста завршува на истата пловна куќа, со надеж дека нејзиното нежно лулање на езерото ќе ја затапи болката од личната трагедија поради која бега од Њујорк. Кога се сместува во куќата, Ада наоѓа стар ковчег полн со спомени од една жестока љубовна афера. Соседите на доковите од некоја причина не сакаат да откриваат многу за минатото, но јасно е дека сите ја сакале убавата и мистериозна Пени. Како новинар, Ада насетува интересна приказна и почнува да истражува. Се чини дека на Улицата на бродовите е судено да се испреплетат мистериозното минато на Пени и неизвесната иднина на Ада.

Мило мое дете (Роми Хаусман) Во тмурна колиба без прозорци некаде во шумата, животот на Лена и на нејзините две деца следи строго дефинирани правила, кои ги поставува човекот којшто ги држи заробени – таткото: кога се јаде, кога се оди во тоалет, кога се учи… и сето тоа под неговото будно око. Тој го штити своето семејство од опасностите кои демнат во надворешниот свет и води сметка неговите деца секогаш да имаат мајка која ќе се грижи за нив. Еден ден, Лена успева да побегне – но кошмарот продолжува. Се чини дека тиранинот сака да си го врати она што смета дека му припаѓа… Плус, под знак прашалник е дали таа навистина е жената по име „Лена“, мајка на двете деца, која исчезнала без трага пред 14 години. Полицијата и семејството на Лена очајно се обидуваат да ја состават сложувалката, чии делчиња од некоја причина не можат да се спојат во една целина. Морничав и адреналински трилер во стилот на „Соба“ и „Ејми ја нема“ – од една од најпопуларните германски авторки.

Поврзани статии

Back to top button